Петар Печков
Објавено: сабота, 09 март 2013
„Како сакате да се викате?“ - ова искрено прашање му се поставува на новоизбраниот папа од кардиналот, доајенот на конклавата, веднаш откако ќе биде одобрен неговиот избор. Во меѓувреме, се подготвува и протокол за процедурата по изборот на новиот папа, и за името кое тој ќе го носи.
Името под кое секој нов папа ќе раководи со римокатоличката црква, е плод на неговиот личен и субјективен избор. Никаква надовершна или повисока власт не може да го советува или да го одобрува неговиот избор на име. Така што мирно би можеле да се појават папи како Јубју Тринаесети, Сталин Втори или Кевин Дваесетичетврти, велат на шега претставниците од конгрегацијата на француските епископи. Но на дело, новиот папа многу често се однесува соодветно на традицииите и обичаите, наложени од неговите претходници, и го прима името кое ќе го носи по некој друг. Во принцип, тоа е име на папа или на светец. Но папата може да избере да одаде почит и според името на црквата во која дотогаш служел, или пак име на некој роднина.
Ако на прво место промената на името се должела на желбата да се избегне носење на име на врховен бог или император, првиот документиран случај во таа насока е оној на Меркуриј во 533 година. Тогаш тој го земал името Јован Втори. Во 955 година, Октавиј станал папата Јован Дванаесети.
Со текот на времето, преземањето на ново име веќе добива симболична смисла. Преземајќи ја папската мисија, папата веќе не е истиот човек. Неговото име треба да биде соодветно променето за да се даде дополнително значење на застанувањето на чело на римокатоличката црква. Таа сиболика е одраз на Стариот завет, како и на Новиот завет, каде промените на имињата се признак за духовно престројување, и на избор направен од Бога. Така на пример, Аврам станал Абрахам, Јаков станал Израел, Симон станал Петар, а Саул станал Павле.
Од 996 година, само двајца папи си ги задржале оригиналните имиња. Тоа се Адријан Флорензон Дедал, кој станал папа Адријан Шести во 1522 година, и Марчело Червини, кој станал папа Марцел Втори во 1555 година. Јован Павле Први внесе нов елемент во 1978, како прв за првпат со двојно име. Така му оддаде почит на Павле Шести и на Јован Дваесетитрети. Друг папа пак избрал име како скратена варијанта од неговото семејно име. Тоа е кардиналот Пиколомини кој станал папа Пиј Втори во 1405 година. Се разбира, имало и Пиј Први, но неговото владеење било толку одамна и кратко (само 15 години, некаде околу 140-155 година), и не оставил никакви спомени за славни дела за да му се стави името како основа за инспирација.
Често пати изборот на име значи да се прими име на некој претходник кон кого новиот папа сака да искаже почит или воодушевеност. Тој обичај е толку распостранет, што го нарекуваат пиетет.
Што се однесува до Бенедикт Шеснаесети, тој самиот изјавил дека неговото име е оддавање почит на Свети Бенедикт Нурзиски, и на папата Бенедикт Петнаесети, кој повикувал на мир за време на Првата светска војна.
Во списокот на папски имиња, во кој фигурираат 265 папи, од Петар до Бенедикт Шеснаесети, ретко се наоѓаат оние кои се сложиле да се произнесат за име или имиња со туѓа звучност. Според познавачите, тоа е така зошто името на папата треба да може лесно да се запомни и изговара од луѓето од целиот свет. Според мемоарите на Карол Војтила, кој станал папа Јован Павле Втори, тој си го сакал името Станислас Први во знак на почит кон светецот заштитник на Полска, но кардиналите го разубедиле затоа што тоа име било различно од традициите кои се применуваат при изборот на нов папа.
Ако наследникот на Бенедикт Шеснаесети избере име кое не фигурира во историскиот список, тоа треба да биде означено со определувањето Први. Таа нумерација се појавува во 8-иот век со Григориј Трети (731-741 година), за да се спротивстави на сосема обратниот систем кој во тоа време налагал додавка на името според определбата „помладиот“ или „втори помладиот“. Тие определби, кои се вовеле во 6-иот век, не биле доволни за да се направи разграничување на брзо растечкиот список со папски имиња.
Дневни аваз - Сараево
Иако е добро позната и повеќе пати потврдена во пракса, ватиканската поговорка - Кој во конклавите влегува како папа, од нив излегува како кардинал, пред секој избор за папа искусните ватикански известувачи, историчари и аналитичари на Црквата објавуваат имиња на најможни кандидати за преземање на катедрата на римскиот бискуп, од кои некои како што беше случајот со Џовани Батиста Монтини и Џозеф Рацингер, навистина беа избрани.
Во светските медиуми пред претстојната конклава најмногу се спомнуваат имињата на следниве 12 кандидати.
Анџело Скола (71), Италија, кардинал од 2003 година. Од 2002 до 2012 бил венецијански надбискуп, а последните две години е на чело на миланската надбискупија, која е најголема во Италија. Се сметаше за фаворит и на минатите конклави. Надбискупиите од Венеција и Милано ги дадоа последните тројца италијански папи - Јован Дваесет и трети, Павле Шести и Јован Павле Први.Меѓу италијанските кардинали Скола се смета за „најможен кандидат“ за испразнетата столица на римскиот бискуп. Со богатото пасторално искуство, Скола е член на неколку ватикански конгрегации. Има импресивна биографија, која го вклучува и местото ректор на Латеранскиот универзитет. Тој е припадник на конзервативната струја и се шпекулира дека неговиот избор сигурно би му бил по волја на досегашниот папа Рацингер. Добрите познавачи на приликите во Црквата велат дека Скола е најблиску до нешто што може да се нарече фаворит на претстојната конклава.
Џанфранко Раваси (70), Италија, кардинал од 2010 година. Последните пет години претседател на Папскиот совет за култура. Ги врати Ватикан и Црквата на местото кое некогаш им припаѓаше во светот на високата култура. Медиумите пишуваат дека се работи за еден од најобразованите кардинали, одичен комуникатор со широко културно минато, кој има богато искуство, но минус му е што нема пасторално искуство. Тој е умерен конзервативец, член на Кардиналскиот совет и може да биде мост меѓу конзервативците и прогресивците, но прашање е дали тој ќе биде посакувана фигура, втор по ред од класичните европски интелектуалци, на чело на Црквата.
Петер Турксон (64), Гана, кардинал од 2003 година. На 48-годишна возраст бил поставен за надбискуп на Кејп Коаст. Пред три години овој широко образуван полиглот беше именуван за прв човек на Папскиот совет Iustitia et pax и е највисоко рангиран африкански кардинал во ватиканската кујна, како и единствен од црниот континент кој се смета за можен кандидат. Член е на неколку конгрегации и понтификални совети. Ватиканистите го опишуваат како многу скромен и отворен човек со префинета смисла за хумор. Тој е либерален кардинал. По абдицирањето на Бенедикт Шеснаесетти даде интервју за британски весници во кои зборувал што би преземал како папа, со што го прекрши непишаното правило дека нема самоистакнување пред конклавите и ги намали своите шанси за избор.
Леонардо Сандри (69), Аргентина, кардинал од 2007 година. Поранешен ватикански дипломат, нунциј во Венецуела и Мексико, кој последните шест години е на чело на Конгрегацијата за источната Црква. На јавноста и е познат како ватикански функционер кој пред масата народ на Плоштадот „Свети Петар“ ја објави смртта на Јован Павле Втори. Член е на неколку ватикански конгрегации и понтификални совети. Родителите му се италијански иселеници, што геополитички го прави речиси идеален кандидат. Најголем недостаток, можеби и пресуден, е тоа што нема никакво пасторално искуство, бидејќи целата кариера му била во дипломатска или куријална служба. Ако кардиналите за нов папа бараат одличен администратор и оперативец, Сандри би можел да биде нивен избор.
Оскар Марадиага (70), Хондурас, кардинал од 2001 година. Надбискуп е на Тегучигалпе веќе 20 години. Овој салезијанец се сметаша за фаворит и на минатите конклави, а за многумина сега е најистакнат латиноамерикански кандидат. Се смета за прогресивен. Како и речиси секој јужноамерикански прелат, чувствителен е на социјални неправди и е страствен во борбата против нив. Дел од медиумите го доживуваат како ѕвезда на Црквата во Латинска Америка и го опишуваат како „латиноамерикански Војтила“. Претседател е на меѓународниот Каритас и ватикански претставник за односите со ММФ и Светската банка околу прашањето на долгот на Третиот свет. Зборува пет странски јазици и веројатно има најдобро искуство во меѓународните односи од сите кардинали.
Одило Шерер, Бразил, кардинал од 2007 година. Од истата година е надбискуп на Сао Паоло, најголема бразилска диецеза и една од најголемите во светот. Се смета за припадник на умерена струја во Црквата. Син е на германски доселеник. Има искуство во римската курија во која служел од 1994 до 2001 година во Конгрегацијата за бискупи. Бразил е најголема католичка земја во светот, но и таа се соочува со пад на бројот на верниците, па медиумите сметаат дека изборот на бразилскиот папа може да биде голем поттик во спротивен правец. Според аналитичарите, најголем минус му е што е релативно млад, а и можноста дека поради родителите многумина би го сметале за втор германски папа по ред.
Јоао Браз Де Авиз (65), Бразил, кардинал од 2012 година. Префект е на Конгрегација за институцијата посветена на животот од 2011 година. Пред тоа седум години беше надбискуп во Бразилија. Како млад свештеник се нашол на среде отворена престрелка при вооружена кражба при што бил тешко повреден. Со куршуми му биле пробиено белодробното крило и цревата, а едното око му било оштетено. Во младоста кокетирал со теологија за ослободување. Иако, како што пишуваат медиумите, донел свежина во ватиканската курија, токму фактот дека е релативно нов кардинал, може да биде пречка во можниот избор.
Марк Оуелет (68), Канада, кардинал од 2003 година и според аналитичарите најголем фаворит по Скола. Од 2002 до 2010 година бил надбискуп на Квебек, а потоа бил именуван за префект на Конгрегацијата за бискупи. Конзервативец, кого медиумите го опишуваат како клон на Рацингер. Како префект на Конгрегацијата за бискупи, Оуелет последните три години имаше главна улога во именувањето на бискупи и надбискупи, од кои некои ќе му се придружат во конклавата, што може да значи дека има добра изборна база. Го опишуваат како срдечен интелектуалец и полиглот. Има и 10-годишно мисионерско искуство во Јужна Америка, со што му се отвара можност во Црквата да го спои Првиот и Третиот свет. Минус му е тоа што неговото раководење со квебечката надбискупија не е оценето многу успешно, т.е. не успеа да го спречи падот на бројот на католиците во диецезата. Во 2011 година во едно интервју рече дека за него изборот за папа би било ноќен кошмар. Гледајќи го обемот на работата и одговорностите на Бенедикт Шеснаесетти папинството не изгледа многу привлечно, изјави тој.
Тимоти Долан (62), САД, кардинал од 2012 година. Њујоршки надбискуп од 2009 година, а пред тоа седум години бил надбискуп на Милвоки. Претседател е на Американската бискупска конференција. Весникот „Тајм“ го вклучи на листата на 100 највлијателни луѓе во светот во 2012 година. Медиумски е многу експониран и одличен комуникатор. Тој е тврд конзервативец. Лани одржа говор на тема новата евангелизација пред Кардиналскиот совет и ги импресионира сите, дури и папата. Американските ватиканисти велат дека е прв вистински американски кардинал кој е фаворит за папа. Многу е срдечен, бучен и весел, што одлично се вклопува во Њујорк, но прашање е како тоа ќе личи за Ватикан. Минус му е националноста, бидејќи се уште постои воздржаност кон можноста папата да доаѓа од суперсила. Наводно и италијанскиот јазик не му е баш најдобар.
Кристофер Шуенборн (68), Австрија, кардинал од 1998 година. Потомок е на едно од водечките аристократски семејства на Хабсбуршката Монархија. Виенски надбискуп од 1995 година. Тој доминиканец е еден од ретките кардинали кои од почетокот се противел на прикривањето на педофилските скандали во Црквата и барал длабока и темелна истрага. За кандидат за папа се сметаше и пред конклавите во 2005 година. Го опишуваат како помирлив прагматичар, урбан, храбар и интелигентен, поблизок до умерената отколку до конзервативната струја. Во 2010 година предизвика полемики во Црквата поради контроверзната приватна посета на Меѓугорје, која воопшто не му ја најавил на месниот бискуп Ратко Периќ. Подоцна се извини поради тоа. Предност му е што има богато пасторално искуство и веројатно е најсилен европски кандидат надвор од Италија. Како минус може да се смета намалениот број на верници во Австрија и некои лоши административни потези во неговата диецеза.
Петер Ердо (60), Унгарија, кардинал од 2003 година. Конзервативец. Беше најмлад член на Кардиналскиот совет се до 2010 година. На чело на Острогонско-будимпештанската надбискупија е од 2002 година. Во кариерата напредувал со метеорска брзина. На 47-годишна возраст бил назначен за бискуп, на 50 веќе бил надбискуп, а по некој месец по 51-от роденден бил прогласен за кардинал. Веќе одработи два петгодишни мандати на чело на Европската бискупска конференција, што значи дека меѓу европските кардинали, а нив во конклавите ги има најмногу, ужива голем углед. Припадник е на црква која била жестоко прогонувана во комунизмот, а со оглед на положбата на земјата од која доаѓа, на расрсница меѓу западна и источна Европа, не е чудно да стане предводник во односите меѓу католичките и православните цркви. Покрена и редовни годишни средби на европски и африкаснки бискупи, па и на тој континент добро котира. Многу кардинали можат да мислат дека е премногу млад за папа. Се тврди и дека е одличен зад сцената, но дека во односите со медиумите не се снаоѓа најдобро.
Луис Тагле (55), Филипини, надбискуп на Манила од 2011 година. За кардинал бил именуван на последниот конзисториум на Бенедикт Шеснаесетти пред четири месеци. На 44 години бил именуван за бискуп на Имус, филипинска диецеза која има 22 милиони верници, а таму го воодушевил народот возејќи се до бискупијата на велосипед и повикувајќи ги просјаците да појдат со него на ручек во бискупскиот двор. Голема надеж е на Црквата во Азија. Харизматичен, вешт комуникатор. Во неговата татковина велат дека има ум на теолог, душа на музичар и срце на водач. Припадник е на умерената струја меѓу кардиналите, но велат дека ја разбира современата идеја и дека е човек на Црква за 21 век. Го симболизира растот на католицизмот надвор од Западот, и иако е млад има големо искуство во квалитетно управување со големи диецези. Но, годините му се најголем минус и многу кардинали може да мислат дека ќе биде одличен папа, еден ден.
Tweet |